Нашата општина е во првата група во Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за ресурси

На 6 април 2022 година, Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) ја објави втората
група од новите партнер- општини на Проектот за зајакнување на капацитетите за искористување на
ресурсите. Градоначалниците на дваесет и четири општини потпишаа Меморандум за соработка и
се обврзаа за подобрување на квалитетот на даночните системи, зајакнување на оперативниот
капацитет на даночната администрација и подобрување на способностите на локалните власти за
планирање, управување и спроведување на јавните средства. Покрај тоа, настанот опфати
презентации за Извештајот за клучните предизвици и препораки за подобрување на процесот на
буџетирање и Извештајот за меѓувладините капитални трансфери до единиците на локалната
самоуправа.
Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз истакна: “Како ваш стратешки
партнер, владата на САД продолжува да ги поддржува напорите за попросперитетна и стабилна
демократија цврсто вградена во евроатлантските институции. Со нашата соработка ги унапредуваме
реформите за децентрализација, добро владеење, владеење на правото и антикорупција,
неопходни за да се постигне интеграција и да се подобри животот на граѓаните на Северна
Македонија. Критичен аспект на реформскиот процес е создавањето ефикасни и ефективни владини
институции, и на локално и на национално ниво. Ова го вклучува зголемениот локален капацитет за
собирање и самостојно управување со ресурсите за да се обезбедат подобри услуги за граѓаните“.
Проектот на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите е петгодишен
проект (2021-2026) кој им помага на владините институции во Северна Македонија да ги обезбедат
и самостојно да управуваат со ресурсите потребни за финансирање на услугите што ги бараат
нејзините граѓани. За да ја постигне оваа цел, Проектот тесно соработува со Министерството за
финансии и Министерството за локална самоуправа и е во координација со другите донатори и ЗЕЛС.